(фото) Фудбалерките на ЖФК „Борец“ уживаа на фудбалски камп во Палиќ, Република Србија
Помеѓи 170 учесници на фудбалскиот камп којшто се одржа од 2 до 5 јули, годинава, во Палиќ, Република Србија, учествуваа и фудбалерките на ЖФК „Борец“ од Велес. Тие заедно со фудбалерите и фудбалерките од Балканот, поточно од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, се дружеа, спортуваа и создадоа доживотни пријателства како и спомени коишто ќе ги раскажуваат на своите блиски и пријатели.
-Овој пат младите спортски старешини на РФК „Графичар“, „Академија Пандев“ , ФК „Слога Добој“, ФК „Брезница“ и ЖФК „Борец“ Велес, не беа „лути“ ривали на теренот, туку меѓусебно се поддржуваа во успешното спроведување на сите активности за време на кампот. Со еминентни експерти од областа на педагогијата, психологијата и младинската работа, младите учесници на кампот, покрај заедничките спортски активности, имаа можност да се запознаат со фер-плеј и здрава комуникација, градење тимски односи и доверба, како и родова еднаквост во спорт, но и ги посетија значајните културни и туристички атракции на Палиќ, од кои во посебно сеќавање ќе им остане зоолошката, единствена во овој дел од Европа по својот изглед и содржина, соопштија организаторите на кампот.
Овој меѓународен проект нуди бенефити како на тренерите така и на младите фудбалери и фудбалерки и истиот беше целосно бесплатен за сите учесници.
-Вие сте имиџот на општеството за кое заедно се бориме – општество кое се заснова на принципите на толеранција, меѓусебно почитување и разбирање, еднаквост и фер игра. Општество кое е свесно за важноста на борбата против негативните појави околу нас, вклучително и присутните во спортот. Ги учиме децата од најмала возраст зошто екологијата е важна или зошто треба да ги почитуваме и промовираме човековите права“, рече Александра Кнежевиќ, координатор и креатор на концептот.
Концептот „Создаваме животни шампиони“ се спроведува со поддршка на Европска Унија преку програмата ЕРАЗМУС+ во областа на спортот и Фондацијата за деца на УЕФА и Центар за млади од Србија.
Стефани Манева