Македонската репрезентација во спортски риболов замина на Светско првенство во Бугарија
Репрезентацијата составена е од шест спортски риболовци кои утрово тргнаа од Скопје кон Пловдив за да ги брани боите на Македонија во лов на пливка. Тие се задолжени да покажат, најдобро што можат, како се лови риба на пливка и да постигнат успех за две до три места повисок од претходното светско првенство. Тоа се спортските риболовци Филип Таушанов од Радовиш и Зоран Стојменовски од Куманово кои за првпат ќе се натпреваруваат во репрезентацијата заедно со стандардните и искусни спортски риболовци Зоран Кожурхаров, Тони Кокочевски, Горан Цуцулан и Марјан Ристиќ.
Репрезентацијата ја предводи селекторот Никола Џампалов со тројца помошници задолжени за спроведување на тактиката, подготвување на храната со која ќе се лови рибата, следење на резултатите и другите потреби на натпреварувачите.
– Оваа шестчлена екипа на спортски риболовци е составена од седумдесет проценти искуство и триесет проценти младост што треба да гарантира добар пласман. На младите им дадовме можност и треба да покажат што умеат токму на светското првенство како најреспектабилна манифестација. Ја имаат нашата поддршка, ние сме со нив и ќе им помогнеме со нашето знаење и искуство. Посакуваме добар пласман, рече на поаѓање селекторот Џампалов.
Тој додаде дека во Пловдив ке бидат сместени во куќа и дека селекцијата е добро подготвена.
– Неделава, од 12 до 16 септември, е резервирана за тренинзите што ќе ги направиме во Пловдив. Натпреварувачкиот дел ќе се одржи наредната сабота, 17 и недела 18 септември. Располагаме со доволен број на возила и секако со опрема. Организирани сме и околу подготовката на храната што е неопходна за да обезбедиме добар улов и секако добар пласман. Очекуваме пласман за две до три места повисок од претходното светско првенство, рече Џампалов.
Македонските репрезентативци се очекува ноќва да пристигнат во Пловдив. Првиот тренинг ќе го имаат во текот на утрешниот ден./У.Ј