Фудбалерките на „Борец“ ја декласираа кумановска „Победа“ со 5:0 но, трибините на Градски беа празни!
Радица Дуковска и Ангела Стојанова постигнаа по два гола а Наташа Лефкова еднаш ја затресе мрежата на противничката голманка. Попладнево на Градски велешанки победија со 5 : 0. Домаќинките ја имаа контролата над играта, во скоро целиот тек на натпреварот, доминираа, постојано игра на противничката страна иако пропуштија и повеќе сто процентни шанси. Гостинките од кумановска „Победа“ покажаа неверојатна борбеност и квалитетна одбрана. Така ја одбранија сопствената мрежа од неколку голови кои не успеаја да ги постигнат домаќинките.
Тренерот на ЖФК „Борец“, Тоше Нацев постојано ги поттикнуваше домашните фудбалерки да ја рашират играта и да градат напад во кои освен шпиц играчите ќе учествува и средниот ред.
– Потфрлија со точните подавања и пасот. Иако имавме резултатска предност од гол уште во третата минута а потоа и два гола во дваесет и третата минута сметав дека треба да направат поширока игра на теренот и наместо со само неколку играчи да играат сите. Тоа им го сугерирав на полувреме. Очекував подобра игра и повеќе голови. Мислам дека го потценија противникот. Екипата на „Победа“ од Куманово е млада екипа и за прв пат, годинава, се натпреварува во женската фудбалска лига. Но тоа е тврд противник така барем ги видовме на теренот попладнево, рече Нацев.
– Можевме и подобро да одиграме иако победивме со 5 гола предност. Потфрливме сите. Се надевам дека на средбата со „Тиверија“ во Струмица ќе одиграме добро и ќе го надокнадиме пропуштеното, рече капитенот Ангела Единовска.
– Имавме повеќе шанси кои не ги искористивме. Се надевам на добра игра и резултат во Струмица, по две недели, рече Радица Дукова.
Со денешната победа екипата на ЖРК „Борец“ се зацврсти на втората позиција на првата македонска фудбалска лига со освоени 13 бода. Пред нив е само екипата на ЖФК „Оризари“ од Кочани со три бода повеќе. По пауза од две недели велешанки и гостуваат на екипата на „Тиверија“ од Струмица. Тоа ќе биде дерби на колото.
Како и многупати досега она што недостасува на натпреварите кои ги играат велешанки е дванаесеттиот играч. Трибините на Градски стадион се празни. Победите што ги постигнуваат девојките секако дека ќе бидат подраги ако има со кого да ги споделат.