Збогум легендо! Ти замина од овој свет знаејќи дека го оставаш спортскиот дух, во родниот Велес, што те сврстува меѓу бесмртните

Легендарните личности и кога заминуваат од овој свет не умираат. Спомените што зад себе ги оставаат се траен белег на нивното постоење. Токму тие во сеќавањата на современиците и пренесени на идните генерации ги прават бесмртни во животот на локалната заедница, на нацијата, на државата.
Една легендарна спортска личност на Велес, што се роди на 8 ноември 1972 година и живееше до вчера, 24 јуни 2022 година е Тони Шопов, еден од најдобрите ракометари на градот што беше спортска велесила во 80-сетите и 90-тите години на минатиот век. Овие децении, секако ги издвојуваме од богатата велешка спортска историја, само затоа што несомнено му припаѓаат нему, на Тони и на десетици спортисти кои за прв пат во родниот Велес заиграа на спортските терени, игралишта, и паркети во спортските сали.

Тони Шопов првите спортски чекори ги направи во дресот на РК „Борец“ за потоа во неговата богата спортска кариера да настапува во повеќе македонски ракометни клубови како што се „Југ“,„Јахона“, „Повардарие“ пред да ја започне богатата интернационална кариера во ракометните клубови на Португалија и на Германија.
Шопов го носеше на себе и државниот дрес со кои настапуваше и ги бранеше боите на Македонија на бројни натпревари. Тој ракометната кариера ја заврши во Велес кога одлучи да премине во тренер со успешни настапи на екипите.
Тони Шопов одигра многу средби, доби многу натпревари но вчера го загуби најзначајниот. Подмолната болест беше посилна од неговата јубилејна, петта, деценија на живот.

Трагичната вест силно одекна во Велес и во Македонија. И не ги трогна само неговите најблиски, пријателите, туку и спортската јавност што Дума.мк ја контактираше.
,,Не можам да се совземам, во шок сум и не ми се верува. Со Тони бевме побратими. Шопов, прво беше човек, потоа другар, без скруполи и влакна на јазикот. Потоа беше одличен играч со богата и прекрасна спортска кариера. За жал болеста го изнамачи последниве години. Јас изгубив голем, прекрасен, драг и верен пријател”, рече фудбалскиот ветеран и легенда Панче Ќумбев.
,,Играч од племенит ков, предводник на тимот и капитен. Загубивме добар пријател. Ќе го паметиме по добро, по успешно одиграните натпревари, по голгетерство, по победите на нашиот „Борец“, по успешните настапи како дел од македонската репрезентација”, додаде поранешниот претседател на РК„Борец“ Васил Нановски-Цило.
,,Тони Шопов беше меѓу подобрите играчи на македонскиот ракометен простор. Меѓу ретките спортисти кои што се надарени со талент и извонредни предизпозиции. Играше на позицијата лев бек и со право го носи предзнакот на ракометен голгетер,” рече легендарниот велешки голман и тренер на РК„ Борец“ Ангел Кирков.
,,Моето искрено сочувство до семејството Шопови коешто во Велес е познато уште и како спортското Јавашеви. Како за нив така и за спортската јавност и за градот, за државата, смртта на Тони е голема загуба. Тој поседуваше афинитет, вроден талент или генетски код за повеќе видови на спортски дисциплини. Но желбата кон ракометот пресуди. Каде и да настапуваше Шопов беше идол на гледачите поради неговата искрена желба за победа и лична определба да даде се од себе, поточно максимумот на талентот, на физичката подготвеност и голгетерската умешност,“ рече проф. Трајче Ковачев фудбалска спортска легенда на поранешните ЈУ простори, ветеран и тренер.

Тони Шопов почина на 50 годишна возраст во Германија, каде што со своето семејство, се одсели само пред неколку месеци. Беше сопруг и татко на едно дете. Таму ќе бидат погребани неговите посмртни останки.
Во негова чест Дума.мк ќе се збогува пишувајќи му од далечина, измерена во стотици километри, со зборовите: Збогум легендо! Ти само замина од овој свет знаејќи дека го оставаш спортскиот дух во родниот Велес што те сврстува меѓу бесмртните.
Лазар Лазаровски
