ЖФК „Борец“ е прв женски фудбалски клуб од Македонија дел од проектот „Создаваме животни шампиони“ (фото)

Фудбалерките на ЖФК „Борец“ ова лето ќе имаат можност да спортуваат и да се дружат со деца од Балканот и Европа, на камп во Палич и Златибор. Оваа прилика ја имаат како прв женски фудбалски клуб од Македонија кој е вклучен во проектот „Создаваме животни шампиони“. Со учество во проектот тие ќе имаат можност да тренираат, спортуваат, учат, шетаат и да се забавуваат. Овој проект истовремено ги вклучува и тренерите коишто пред почетокот на камповите ќе имаат обука кадешто ќе се едуцираат како да работат со малите фудбалерки.
Александра Кнежевиќ од Развоен центар Белград, на вчерашната средба со фудбалерките и родителите во хотел „Интернационал“, детално го објасни проектот како и бенефитите со коишто ќе се здобијат идните фудбалерки.
-Програмите како за тренерите така и за децата се целосно бесплатни. Ова ќе биде една активна година, првата активност ќе ни биде со тренерите кон крајот на месец мај, кадешто заеднички ќе работиме на одредени теми. Потоа, следат активностите за фудбалерките и првиот камп ќе биде на Палич а вториот камп на Златибор. Нашите кампови немаат за цел вие да се такмичите едни спрема други, тука има екипи од целиот регион и нашиот ден изгледа така што се дружиме, тренираме, шетаме. Ние имаме за цел да ги отргнеме децата барем на краток период од дигиталниот свет и тие меѓусебе да се дружат, додаде Кнежевиќ.

Претседателот на ЖФК „Борец“ Кирил Лазов, ги поздави присутните и им објасни дека задоволството да се биде дел од овој проект е големо бидејќи од Македонија ЖФК „Борец“ е првиот женски клуб вклучен во проектот.
-Се надевам дека ова што го работиме во моментов, ќе продолжи и понатаму, се за нашите млади шампионки кои посебно ги поздравувам и се надевам дека многу од нив ќе се реализираат како спортисти. Денеска е убав ден, бидејќи, 6 април е денот на спорт, развој и мир, всушност спортот е она што мотивира, мобилизира и инспирира. Кај младите овозможува да ги надминат нивните способности да станат врвни спортисти. Спортот е она што влијае за физички, ментален развој, почитување на дисциплина, додаде…
Деканка на факултет за физичко образование, спорт и здравје, Ленче Алексовска Величковска, ги поздрави присутните девојчиња и им објасни дека не постои поделба во спортот, поточно машки или женски спорт.
-Сакам да ги поздавар и сите родители да немаат стереотипи и предрасуди дека ова е машки спорт, бидејќи тие ќе се развиваат и во моториката и во однос на менталното здравје а ние заеднички сакаме многу повече. Овој проект значи дека сите тренери ќе ги едуцираме како да работат со малите фудбалерки бидејќи секоја возраст носи одговорност и тие треба да знаат како треба да се однесуваат, додаде деканката.

Бојан Трипуноски претставник на Синдикален центар за едукација и обука од Скопје, рече дека ќе продолжат активно да го следат развитокот на децата со цел оваа приказна да продолжи и да трае повеќе од две години.
За време на настанот, свое обраќање имаше и Весна Атанасовка, претседателка на комисија за еднакви родови можности помеѓу мажите и жените при Совет на Општина Велес, која кажа дека оваа година Советот на Општина Велес за прв пат издвоил околу 300.000 денари за женскиот фудбалски клуб и верува дека овој тим на женски фудбалски клуб ќе ги разубеди помладите дека фудбалот не е само машки спорт.
Координатори на овој проект се СЦЕО Скопје и Развојниот Центар Белград. Инаку, во овој проект ЖФК „Борец“ и Академија Пандев се единствени учесници од Македонија заедно со уште 16 актери од спортскиот, образовниот и младинскиот сектор од 8 земји.
Стефани Манева
