(фото) Младата велешанка Бојана Кацарова добитник на награда за студент со највисок просек на еден од трите државни факултети по медицина
Желбата да го изучува механизмот на функционирање на човековото тело и истовремено да го преточи во лекување и подобрување на здравјето на пациентот бил главен мотив за младата велешанка Бојана Кацарова да плови низ медицинските води. Таа во текот на студиите по општа медицина на државниот факултет во Штип постигнала големи успеси кои оваа година беа препознаени и од Лекарска комора на Македонија кои и ја доделија наградата „Примариус д-р Димитар Ивановски“. Оваа награда секоја година се доделува на тројца студенти со највисок просек на трите државни факултети по медицина.
-Оваа награда ми е особено драга и емотивно сум поврзана со неа. Целиот труд кој го вложив, пожртвуваноста и посветеноста, добија вредна и значајна димензија. Среќна сум и мило ми е што сето тоа се препозна и што вистинскиот квалитет доследно се наградува. Ова ми е само дополнителна мотивација да продолжам храбро да чекорам по патот на успехот, објаснува младата докторка Кацарова.
Оваа девојка полна со ентузијазам и желба за наука, желна да создава промени и подобар свет околу себе, вели дека времето поминато на факултет го гледа како една прекрасна и благословена приказна полна со нови знаења но и дружби и пријателства.
-Додека студираме, често знаеме да кажеме ,,Едвај чекам да дипломирам и да работам, овие студентски маки повеќе не се издржуваат”. На крајот на денот ни преостанува само да ги акумулираме и продуцираме позитивните работи. Мене лично, студиите по медицина ми беа исполнети со академски и научни истражувања, бев активен учесник во неколку конференции, симпозиуми и конгреси. Станува збор и за сертифицирани настани неопходни за континуирана медицинска едукација, додава Кацарова.
Сето ова и помогнало на младата велешанка да го надополнува своето знаење но и да го надоградува практичното искуство. Нејзиниот успех за време на студиите бил препознаен и од Општина Велес кои во 2021 и 2023 година и ја доделиле Деветтоноемвриската награда Проф.д-р Ѓорги Шоптрајанов за најстудент за коајшто таа е посебно благодарна и вели дека се со посебно значење бидејќи и се доделени во родниот град.
Младата тазе докторка во моментов го извршува и своето задолжително стажирање од Лекарската комора и плови во професионални предизвици. Сепак покрај студирањето и високите успеси на нејзиниот медицински пат, Кацарова вели дека поминатото време со најблиските и дава посебна енергија, а за успех е потребен и баланс затоа добра книга, театарска претстава, музика како и прошетка на чист воздух за „полнење на батерии“ се секогаш добредојдени.
Стефани Манева