ЦГК: За десет години, бројот на студенти е намален за 7.000, секој петти студент сака да биде лекар
Пораст има кај приватните и кај верските високообразовни установи, додека кај државните, наспроти големиот и постојан пад, пораст има само на медицинските и на информатичките факултети. УКИМ е најголем губитник, а секој петти студент сака да биде лекар. Бројот на бруцошите, од некогашните 19 илјади е сведен на 15 илјади. Во меѓувреме, бројот на наставен кадар на факултетите се зголемува.
Најголем пад на запишани студенти се бележи на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, 86 %, на Правниот факултет – Кичево, 69 % и на Ветеринарниот факултет, 67 %.
Центар за граѓански комуникации, денеска, го објави истражувањето за движењето на бројот на студенти во земјава во последните десет учебни години. Истражувањето и анализата на ЦГК покажаа дека само за последните десет години, бројот на студенти во земјава се намалил за 7.043, односно за 12 %. Најмногу студенти во последните десeт години загубиле државните универзитети вкупно 11.150, односно 22 %. УКИМ е најголем губитник, со речиси 5 илјади помалку студенти за десет години. Поединечно, најмногу студенти загубиле Економскиот, Филолошкиот и Градежниот факултет во Скопје.
Наспроти тоа, на приватните факлултети има 4.054 или 56 % студенти повеќе во последните десeт години.
Пораст од 20 % има и кај верските високообразовни установи.
Кај бруцошите, има намалување од 19 %, односно за една деценија бројот на студенти запишани во прва година се намалил за 3612.
На УКИМ, во последните десет години, има намалување на бројот на студенти во прва година на сите факултети, освен на Медицински и ФИНКИ. На скопски Правен има дури 61% помалку бруцоши.
Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од илјада луѓе, односно за една третина.
На државните универзитети има за 26 % повеќе кадар отколку пред десет години, на приватните, пак, кадарот пораснал за 45 %.
Центар за граѓански комуникации податоците во истражувањето ги добил од Државен завод за статистика. Податоците од ова истражување, како и од сите претходни, ЦГК ги става на располагање во отворен формат за да послужат како основа за натамошно користење и истражување од новинарите, граѓанските организации, граѓаните, науката и сите други заинтересирани страни со цел за подобрување на квалитетот и условите за живот во земјава.
Дума.мк