Филипче: Можеби сме пред нов бран на Ковид-19
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше за состојбата со корона вирусот во земјава, тој рече дека можеби сме пред нов Ковид-19 бран.
Како што рече Филипче, многу е тешко да се идентификува вистинската причина за растот на КОВИД случаите. Можно е да се работи за некоја од варијациите на вирусот. Затоа се чекаат резултатите од секвенционирањето кои треба да стигнат до крајот на оваа или почетокот на идната недела.
Тој уште еднаш апелира граѓаните да се вакцинираат и предупреди дека токму невакцинираните го создаваат најголемиот притисок врз болниците. Согласно сегашните текови, додаде, огромен процент од невакцинираните имаат многу голем ризик да заболат и тоа се случува. Сепак, потенцира, засега не се размислува вакцинацијата да биде задолжителна.
Вакцинацијата и почитувањето на мерките (носење маска и држење дистанца, се клучот за излезот од пандемијата, оцени министерот.
-Невакцинираните го оптоваруваат здравствениот систем. Но, не, засега не се размислува вакцинацијата да биде задолжителна, а за други мерки, вклучувајќи и некаква препорака, еден од главните индикатори ќе биде оптовареноста на болниците, објасни Филипче.
Здравствените власти не размислуваат за задолжителна вакцинација против Ковид. Нискиот опфат од околу 40 проценти имунизирано население ќе се обидат да го зголемат со апели и потсетувања од матичните лекари за значењето на вакцините.
-Денеска е испратено писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче.