Филипче: Заразените со делта сојот се невакцинирани
Регистриран е четврти случај на заразен со делта сој на коронавирусот во нашата држава, а четири други лица се суспектни. Од четирите суспектни на делта сојот, едниот е во лоша здравствена состојба, приклучен на респиратор, а три лица се со стабилна клиничка слика, информираше министерот за здравство, Венко Филипче.
Од министерството за здравство информираа дека ниту еден од ковид позитивните пациенти кај кои е изолиран делта сојот на SarsCov2 не е вакциниран за Ковид 19.
Уште два случаи на делта-сојот на коронавирусот биле потврдени во лабораторијата на приватната клиника „Жан Митрев“ од каде преку соопштение предупредуваат дека се шири новата варијанта на ковид-19.
-Уште од самиот почеток на пандемијата, во лабораторијата редовно се врши секвенционирање на позитивните примероци со цел детекција на нови соеви во државата. Сите позитивни примероци за кои внимателно се утврдува дека се сомнителни за некој друг сој на вирусот, различен од доминантниот, подлежат на понатамошно секвенционирање и утврдување на конкретниот сој. Во овој случај беше детерминирано дека се работи за делта сојот, уште познат и како индиски сој, велат од „Жан Митрев“.