Ковачевски за дојавите за бомби: Ова е хибридна војна, а не закани од хакери адолесценти
Денешните пораки за дојави за бомби во земјава се речиси идентични со пораките во Црна Гора или други држави и покажуваат дека се работи за идентични пораки на најава на бомби, а интензитетот и опсегот на упатените дојави, како и примерокот кој се применува и кај нас и во во други земји, дава основана претпоставка дека станува збор за хибридни напади, оценува премиерот Димитар Ковачевски.
Според него, тоа што некоја држава успеала да најде еден случај на некој што дојавувал не значи дека се најдени сите. Ковачевски потсетува дека и во земјава е најден еден случај на наш граѓанин кој што го правел тоа и за него се води соодветна постапка.
– Кога се организирани со ваков интензитет, со толку широк опфат, со таргетирање на места, институции, објекти и градови со голем број на жители, каде што се повторува моделот на пораки кои се исти во повеќе држави, тогаш може да се претпостави дека се работи за хибридна војна, бидејќи ако е изолиран случај на адолесценти хакери тогаш нема да се случуваат во толку многу држави на толку исти институции во толку исти денови, со толку ист интензитет да се случуваат, одговори Ковачевски на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата по повод презентацијата на буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година.
Ковачевски додаде дека и тој и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе информирале дека надлежните сектори во МВР работат во координација со партнерските служби во НАТО, чија членка сме, и се справуваат со овој проблем, како и дека ова не е само проблем на нашата земја туку и на многу други држави.
Тој ги поврза дојавите како облик на хибридна војна со воениот конфликт во Украина, означувајќи го како најголем воениот конфликт во Европа по Втората светска војна поради нападот на Русија врз Украина, и тоа на помалку од илјада километри од нашата држава.
– Со оглед на средставта за комуникација кои се достапни денес во 2022 година, споредено со она што било достапно во 1941 година кога не биле можни хибридни војни и сајбер напади, за очекување е дека ова е дел од она што се случува на европскиот континент. Доколку ја гледате содржината на бомбите многу е јасно дека во Европа постојат две страни – едната која вели дека не треба државите сами да го определуваат својот демократски пат како што тоа ѝ е ускратено на Украина, дека помалите држави немаат право сами да одлучуваат за својата иднина и другата страна на која ѝ припаѓаме ние, на демократскиот свет, страна која е членка на најголемиот одбранбен сојуз во светот и која се состои од членки на ЕУ и на оние кои што ќе бидат членки на Унијата како што е нашата држава – наведе премиерот Ковачевски.