Листата за групните новогодишни помилување вратена во затворските управи
Листата со имиња кои треба да бидат помилувани која беше објавена вчера предизвика серија реакции во јавноста, по што беше вратена на разгледување во затворските управи.
-Листата за групните новогодишни помилување според формални критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда, напиша на „Фејсбук” министерот за правда Бојан Маричиќ.
Додаде дека откако ја видел во петокот почнал процедура за нејзино повлекување, која вчера се формализирала. – Со мој потпис списокот го вратив назад кај затворите на уште едно разгледување, напиша Маричиќ.
И заменик министерот за правда Агим Нухиу претходно објави на „Фејсбук” дека е повлечен списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски.
-Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!, напиша Нухиу.
Алтернатива упати барање до Пендаровски
По информацијата дека министерот за правда Бојан Маричиќ доставил барање за помилување на Бобан Илиќ осуден за смртта на малиот Алмир бараме од претседателот на државата ова помилување да не го потпише , посочија вчера од Алтернатива.
Оттаму додаваат дека ова не треба да се случи, бидејќи како што објаснуваат од партијата не само што со помилувањето на убиецот ќе се амнестира убиството, туку и поради тоа што овој случај би можел да ја разниша и меѓуетничката доверба.
Затоа тие бараат јавно и од премиерот Заев да го потсети неговиот министер за правда Маричиќ дека на 5 ти декември тој потпишал договор со Гаши за соработка со Владата на Република Северна Македонија да побара од Европската Комисија да врши меѓународна истрага на судските случаи за кои постои основано сомнение дека има политички импликации, а помеѓу кој е и случајот на малиот Алмир Алиу.