Апсењето на Павле Богоевски ги разбуди „Шарените револуционери“
Апсењето на активистот на Шарената револуција Павле Богоевски предизвика лавина од реакции во јавноста. Неговите соборци, пријатели, колеги и другари жестоко реагираат на насилството кое како што велат се спроведува врз оние кои ја сакаат својата земја слободна и демократска и со сите демократски капацитети и форми се борат за тоа, а од друга страна оние кои треба да одговараат пред лицето на правдата се штитат и им се дава можност да ја покажат диктатурата на дело.
Вчерашното апсење на Богоевски според активистот и пријател на Богоевски, Луми Бекири е веќе видено сценарио на ДПМНЕ за време на нивните прослави. Еднаш вели убија дете за нивната прослава на плоштад, сега додава, апсат револуционер.
“Додека Груевски од прославата на фашистичката клетка на Македонија говореше за мрачни сценарија и се закануваше, истите на само неколку метри од него се исполнуваа од негови послушници. Полицијата брутално го уапси нашиот соборец Павле Богоевски, што само уште еднаш потврдува дека на граѓаните им е ограничено правото на слободно движење, додека на политичарите им се дава приоритет. Правото на слободно мислење исто така и неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ да се справи со критика”- вели активистот Луми Бекири.
Богоевски со својот елан и храброст јавно да ги критикува лошите политики на власта според Бекири го направи да биде долго време трн во око на режимот, уште многу пред да започне Шарената револуција. Тој со својот активизам и своите ставови, потенцира Бекири јавно се противи на секое рушење на човековото достоинство и човековите слободи и е вистински пример за тоа како треба да се почитуваат овие вредности, а можеби и единствениот кој секој пат на полицијата и се обраќал со почит. А притисоците од друга страна, вели се огромни.
“Неговиот бунтовен дух никогаш не знае да замолчи пред ниедна неправда сите овие години. На клептоманска и мафијашка власт со некадарни луѓе, тоа не им одговара. Не може да има правда во државата, кога режимот врши прогон врз оние што се борат за слобода, правда и еднаквост.Но ќе продолжиме до крај да се бориме за тоа што ни следува како граѓани на оваа држава. И конечно да се врати државата во раце на граѓаните. Пред денешниот протест секако дека се зголемуваат притисоците и заканите, особено во помалите градови и во руралните средини. Но не смееме да им дозволиме тоа да им помине. Бидејќи само заедно ќе победиме. Ние немаме закани, туку имаме барања, достоинство и солидарност со секој”- потенцира Луми.
Иако прогонот врз демонстрантите продолжува, граѓаните според него ќе ја земат правдата во свои раце бидејќи институциите треба да ги бранат граѓаните, а досега всушност ги бранат само криминалите на владејачката партија. Шарената револуција со својот цивилен потенцијал кој го црпи од граѓански сектор којшто секојдневно е активен на протестите и преку социјални мрежи ќе донесе нов свеж ветер во целата почитичко-општествена агонија, бидејќи активистите, граѓаните вели имаат автентична енергија со прецизно артикулирани идеи и барања кои мора да се исполнат.
Извор: Фактор.мк