АМСМ : Попладне зголемен интензитет на сообраќајот!
Сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е со зголемен интензитет поради празничните денови. Уште поголема фреквенција на движење се очекува денес во попладневните часови, поради што се препорачува да се користат и други патни правци освен вообичаените.
На граничните премини можни се подолготрајни задржувања од вообичаеното време за влез и за излез од државата.
На сите магистрални и регионални патни правци низ државата сообраќајот се одвива непречено, по суви и чисти коловози.
Сообраќајот на патниот правец Гостивар – Кичево преку мостот на 1,5 км пред Стража е нормализиран и е прооден за сите видови на возила. Патниот правец Ресен – Охрид преку националниот парк Галичица е прооден за сообраќај.
На патниот правец Гостивар-Маврово во близина на Ново Село, поради реконструкција на мост сообраќајот се одвива регулирано со семафори и наизменично по една коловозна лента.
На делницата Велес – Кадрифаково како експресен пат, се извршуваат активности на патот кои се поделени во две фази. Првата фаза започна на 27.03.2013 година, при што се врши геодетско снимање и се поставени 2 табли за известување за работа на пат, од кои едната е поставена на клучката кај Велес, а другата на клучката кај Кадрифаково.
Патниот правец Неготино – Штип преку Лакавица, поради оштетување на мостот преку реката Вардар, кај село Пепелиште, целосно е затворен за сите видови на сообраќај, како и за пешаци. Поради тоа сообраќајот е пренасочен преку патниот правец Неготино – Криволак – Пепелиште и тоа само за лесни возила.