Готов е предлог законот за заштита од мобинг!
Вознемирувањето на работното место или мобингот за прв пат во Македонија ќе има и законски третман и за него ќе следуваат високи казни. Владата веќе донесе предлог-закон за заштита мобинг. Во него се дефинираат правата и обврските на вработените и работодавници за заштита од вознемиреност на работно место.
„Во законот точно е дефинирано што се смета за вознемиреност. Во него постојат два посебни члена за психичка и полова возмениреност.Доколку едно лице во работната организира е психички или полово вознемирено од друго, тоа треба писмено да го извести работодавецот кој потоа треба да поведе интерна постапка. Доколку вработениот е вознемируван од колега треба да го извести работодавецот, а тој треба да поведе постапка и да назначи еден вработен-медијатор кој ќе се обиде да ги смири. Постапката трае 15 дена е тајна и има два начина да се реши, со успешно или неуспешно посредување, истакна Ѓорѓиев, и додаде дека доколку интерната постапка заврши неуспешно лицето кое било вознемирувано има право да поднесе тужба“ рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Покрај лицата кои се во редовен работен однос под мобинг можат да подлежат и лицата кои се вработени со договор за вработување.
Во Законот дефинирани се и повеќе општи правила што се однесуваат и на работодавачите и на вработените во кои се претпочита дека еден работодавач е должен да обезбеди здрава и пријатна средина за извршување на работните задачи од страна на своите вработени, но и да ги едуцира вработените во насока да се создаде колективна свест за заедничка припадност и заштита на интересите на организацијата во која тие работат.
Глобите изнесуваат од 5.000 до 6.000 евра за работодавачот доколку не превземе мерки да го спречи мобингот и дополнителни 3.000 до 4.000 евра за директорот во рамките на работната организација, како и од 1.000 до 2.000 евра доколку се работи за физичко лице.
Законот ќе стапи во сила по 30 дена од негово донесување, а во овој период работодавачот ќе треба да подготви листа на посредници кој ќе работат на решавање на споровите во интерната постапка.