Кирил и Методиј – основоположници на словенската писменост!

Објавено на 24 мај, 2013 во 07:00

Кирил и Методиј, познатите солунски браќа просветители, имаат голема улога во македонската и општо во словенската историја а нивното дело ги описмени словенските народи.

Св.Кирил и Методиј се родени браќа од Солун , од угледни и богати родители, Лав и Марија. Постариот брат, Методиј, како офицер помина десет години меѓу Македонските Словени, а  потоа се оддалечи на гората Олимп и се предаде на монашки подвиг каде подоцна му се придружи и Кирил (Константин Филозоф).

Во првите децении на IX век во Солун живее  семејството на висок службеник на царската власт, помошник на византискиот стратег на Солун и солунската област. Тоа всушност бил Лав со неговата сопруга Марија. Нивната народност е нејасна. Семејството имало неколку деца, но тука се спомнуваат само имињата на најстариот – Методиј и најмалиот Константин.

Побожните родители ги упатиле своитедеца уште од најраното детство во христијанството, обидувајќи се да им помогнат да ги применуваат возвишените христијански вистини во својот живот. Костантин уште од својата младост се занимавал со списите на свети Григориј Назијанзин и на Дионисиј Аеропагитски. Татко му го испратил во Цариград да го продолжи своето образование во императорското Магнаурско училиште, каде, освен богословските науки,  изучувал и граматика, аритметика, географија, астрономија, музика, поезија, реторика. Покрај овие науки, Константин учел и странски јазици латински, еврејски и сириски. Откако го завршил своето високо образование, Константин бил назначен за библиотекар при црквата Света Софија, а подоцна станал и професор по филозофија во училиштето што го завршил  каде и го добил и името Константин Филозоф.

Како високо образовени и талентирани личности на Кирил и Методиј им биле доделувани многу одговорни задачи од страна на византискиот двор. Најпрвин биле испратени во мисија кај Сарацените (Арапите) во Багдад, чија основна цел била да ги христијанизираат Сарацените, Хазарите, Моравските Словени, Бугарите, Русите и другите народи на исток и север од Византија и да им ја наметнат византиската црковна власт. По извесно период браќата се вратиле во Цариград, каде  ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски.

На повик од царот Ростислав отидоа во Моравија каде ја распространија православната вера а подоцна на повик од папата заминаа за Рим, каде Кирил се разболел и умрел, на 14 февруари 869 година.Потоа Методиј се врати во Моравија и до смртта работеше на утврдување на Христовата вера меѓу Словените. По неговата смрт 6 април 885 година – неговите ученици на чело со Свети Климент Охридски како епископ, го преминаа Дунав и се спуштија на југ во Македонија, каде што од Охрид продолжија да работат меѓу Словените на истото дело што го започнаа Методиј и Кирил на север.Мисионерската дејност на светите браќа меѓу Македонците, посебно возобновувањето и применувањето на македонската азбука е забележано во житието на Свети Наум. Ова му претходело на преведувањето на светите книги на јазикот на Македонците од солунско и на мисионерското дело меѓу западните Словени во Моравија.

Делото на светите браќа по смртта на Свети Методиј паднало во голема криза, но благодарение на нивните ученици – Свети Климент и Свети Наум, охридските светители и чудотворци. останал жив образец за Светата Црква и за мисионерите на сите времиња.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License