Лустраторите го прогласија за кодош, Карајанов тврди станува збор за друго лице!
Петар Kарајанов, поранешен секретар на Градскиот комитет на КПМ во Скопје, од времето на социјализмот вчера изјави дека тој не е човекот кого Комисијата за верификација на фактите го прогласи за кодош.
Карајанов направи споредба на сопствената со биографијата на лустрираното лице со исто име и презеиме откривајќи ги разликите во местото на раѓање, помеѓу членовите на семејствата и другите значајни факти.
– Од документите се гледа дека не станува збор за мене бидејќи јас сум роден во 1936 година, а не во 1937 година, и јас немам брат, туку сестра. Освен тоа никогаш не сум бил во Шведска, а во документите се информира за Петар Kарајанов, кој како кодош одел во Шведска кај својот брат по информации за службите. Погрешни се и податоците за факултетот на студирање и други податоци поради што е очигледно дека не станува збор за мене, туку за друго лице – рече Kарајанов и додаде дека живеел во Скопје, а не во Гевгелија, како што стои во документацијата.
Петар Карајанов ја повика комисијата да му се извини за направената штета и да признае јавно дека лицето кое е прогласено за кодош е друг Петар Карајанов.
Од Kомисијата за лустрација соопштија дека остануваат на тоа што го утврдиле и го упатија Карајанов да бара правда пред Управниот суд.