Поднесено обвинение за случајот „Ликвидација“
Обвинителството за гонење на сторители од областа на организираниот криминал во Скопје денеска го достави обвинението против осомничените во случајот „Ликвидација“ до кривичниот суд. Во обвинението е доставен и предлог за продолжување на притворот до завршување на судењето.
Судот го прифатил овој предлог и им определи нови 30 дена на сите обвинети. Според закон сега притворот може да биде укинат само по барање на јавниот обвинител или ако судот по службена должност оцени дека веќе нема основа за продолжување на притворот. Обвинетите и нивните адвокати до завршување на судењето немаат пораво да бараат укинување на притворот.
Во случајот „Ликвидација“ притвор издржуваат судијата Илија Танев, обвинителот Ивица Ефремов, екс судиите, сега адвокати Валентин Зафиров и Сашко Лазаров, екс врховниот судија Борис Николовски, новинарот Томислав Кежаровски и скопјанецот Јане Павловски – Тица.
Судењето се очекува да биде закажано за почетокот на септември. Во меѓувреме, скопскиот суд ја завршил постапката против братот на обвинителот, кај кого беше пронајдено оружје и тој веќе е осуден на затворска казна со неправосилна, првостепена пресуда.
Новинарот Томислав Кежаровски трет ден штрајкува со глад во Истражниот затвор. Новинарските асоцијации и синдикатот бараат негово итно ослободување од притвор.
Саше Димовски