Скаменет „Шатор„ му подарија Архитектите на Скопје
Архитектите на Скопје му подарија скулптура „Шатор“, како симболичен објект кој потсетува на времето по земјотресот од 1963 година. Автори на скулптурата се архитектите Сергеј Никољски и Милан Мијалковиќ. Делото е поставено во Градскиот парк, каде десетици граѓани синоќа се собраа за да оддадат почит на сите настрадани од силниот земјотрес кој пред 50 години го разурна градот.
– Подарокот има порака, се работи за скаменет шатор, нешто што е знак за постземјотресниот период додека сите живеевме под шатори, додека полека не ги изградивме своите живеалишта. Но, шаторот има и друга симболика, тој е дел на една силна емотивна приказна. Се очекува да испровоцира многу прашања од децата кои што се движат овде а и многу одговори од нивните родители, изјави Даница Павловска, претседател на Асоцијација на архитекти на Mакедонија.
Архитектот Сергеј Никољски, еден од авторите, на откривањето на скулптурата истакна дека ова е една стара идеја која се појавила уште пред 10 години.
– За мене еден многу битен момент е солидарноста, која се поврзува со шаторот како еден архитип на тоа случување, тој е како симбол. Во овие 10 години се случија и други нешта. Како што го гледаме шаторот, и последните „Occupy“движења. Ја гледаме и желбата за солидарност која се изгуби во последните 20-30 години , рече Никољски.