Нови заболени од жолтица во Штип

Објавено на 20 август, 2014 во 13:33

Расте бројот на заболени од жолтица во Штип. Официјално во штипската болница, хоспитализирани се вкупно 22 лица, вели за Радио Канал 77 раководителот на штипскиот Центар за јавно здравје Велик Грков.

Според него изворот и патот на пренесување, се уште не можат да се откријат, затоа што нема ништо што ги поврзува сите болни со една иста ситуација.

– Значи ниту пиеле вода од исто место, ниту пак јаделе од иста храна. Затоа тешко е сега да се постави мислење од каде потекнува епидемијата. Би апелирал, бидејќи оваа болест влегува во групата на ,,болести со нечисти раце,, да се обрати внимание на хигиената кај населението. Потребно е да се одржува хигиената и на храната и на рацете – додава Грков.

Тој смета дека изворот на жолтица не треба да се бара во водата за пиење, која се дистрибуира низ водоводот, бидејќи истата фабрички се обработува.

Неколку училишта веќе побарале дезинфекција на објектите и на санитарните јазли. Епидемиолозите апелираат дека доколку не се изврши дезинфекцијата може да се случи и тивка епидемија.

– Дефиницијата за епидемија вели да се покачи бројот на заболени, соодветно по време и по бројот, треба ние да имаме многу поголема бројка од претходниот период и од претходните години, или пак да се појави во зимскиот период кога не е време за појава за Хепатит А. Значи нема бројка која би значела еве до тука не е епидемија, по оваа бројка, прогласуваме епидемија-објаснува Грков.

Минатата година во истиот период во Штип од жолтица се хоспитализирани само двајца, а во 2012 година немало ниту еден пациент со ваква дијагноза.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.