Итни реформи во македонските медиуми

Објавено на 6 октомври, 2014 во 14:12

Сè додека новинарите работат во услови на корупција, закани и пристисоци, Македонија нема да има слободно новинарство.

Сè додека не дојде до некаква позитивна промена, јавноста ќе биде ускратена за точни, непристрасни и навремени информации, рече Тамара Чаусидис, претседателка на ССНМ денеска на средбата во Скопје на која претставници на Меѓународната федерација на новинари (МФН), Европската федерација на новинарите (ЕФН), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите (ЗНМ) два дена ќе дискутираат на теми поврзани со медиумите.

Темата на денешната конференција беше Спроведување на кампањи за новинарски права, односно регрутирање на членство, правна заштита и социјални права за новинарските здруженија и синдикати низ Централна и Источна Европа. На оваа регионална средба ќе се водат и разговори за размена на искуства со европските колеги и нивното запознавање со реалната состојба на новинарската професија и борбата за слобода на новинарството во Македонија.

– Со реформите во новинарството ќе се постигне континуитет во развитокот на демократијата во земјата, бидејќи не постои поважна гранка за демократски прогрес од слободното новинарство – рече претседателот на Европската федерација на новинарите Мојенс Бјерегард, нагласувајќи дека придобивките од слободниот говор не се однесуваат само на новинарите и медумиските работници, туку и на целиот македонски народ.

– Непостоење на истражувачко новинарство и скратените и контролирани можности на новинарот да ја пренесе реалната вест на народот се секако големи загуби за вашата демократија. Случајот Кежаровски е секако еден од тие примери, каде новинарот е нападнат од властите поради тоа што си ја вршел својата работа – продолжува Бјерегард.

Присутните организации презентираа и листа на 13 препораки за Владата како би се остварила што поуспешна реформа на македонскиот медиумски простор.

Усогласување на домашното законодавство со меѓународните норми за слободно изразување и обезбедување на негова примена без дискриминација и непристрастност на судовите и преиспитување на судските одлуки во согласност со меѓународните стандарди се едни од препораките на кои ќе се обрне поголемо внимание, како и на обуката на судии за соодветна примена на Законот за клевета и навреда.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, ја повтори поддршката за осудените новинари, весници и колеги. Посебно се задржа на Томислав Кежаровски, кој е осуден на 4 години и 6 месеци затвор и во моментов чека одговор на жалба од повисоките судски инстанци.

– Апелациониот суд во Скопје треба серизно да ја разгледа жалбата на колегата и да го ослободи бидејќи нема никаква основа тој да биде осуден на таков начин поради компромитиран заштитен сведок – рече Селмани, кој апелираше до сите колеги да не запрат со поддршката за Кежаровски кој веќе една година седи во домашен притвор и ја чека одлуката на судот. 

Тој исто така го повика директорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, да се откаже од отштетата од 9.000 евра која што треба да му биде исплатена врз основа на клевета од колеги од неделникот „Фокус“.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.