Што ќе прави Тодоров со итните пациенти откако го среди Мој термин?
Самостојниот синдикат на Клинички центар не бил воопшто консултиран кога се донеле измените на системот Мој термин, пренесе Радио Канал 77.
Претседателот Горан Беговиќ вели дека за оваа промена разбрале преку допис од Министерството кога веќе била донесена. За содржината на промените вели дека времето ќе покаже како ќе функционирааст во пракса, затоа што некои здравствени случаи изискуваат повеќе време од 15 минути, а тука се и итните пациенти, кои за лекарите се приоритетни, а кои влегуваат ненајавено во распоредот на прегледи.
– Денеска ги пребројав пациентите кои ги имав во амбуланта и излезе бројка од 17 прегледи, а при тоа не одвоив 30 минути за пауза, туку можев само 10 минути да одморам. Различно е од пациент до пациент. Има тешки дијагнози и зависи каков е случајот и колку е итен пациентот. За такви пациенти ни требаат минимум 20 минути. Во текот на денот доаѓаат и итни пациенти кои треба да се прегледаат, кои се приоритет. Не е проблемот со 15 или 19 минути. Според медицинските правила, итните пациенти имаат предност, но и одземаат повеќе време. Проблемот е што го реметат целиот процес на Мој термин. Нормално е да влезат преку ред. Поради таквите случаи терминот на закажаните пациенти се поместува додека не се услужат овие пациенти – објаснува-р Беговиќ од Клиниката за дигестивна хирургија.
Според него идеално би било да има амбуланти во кои ќе се прегледуваат случаи кои имаат закажано преглед и амбуланта која ќе функционира за итните пациенти. Ургентниот центар, вели, не може да го реши проблемот од причина што и таму докторот од амбуланта се повикува за консултација и повторно се пореметува закажаниот термин на пациентите.
– Истовремено потребни се и доволен број амбуланти за докторите. Мислам дека за новите мерки на Министерството треба време за имплементација и за прилагодување. На таков начин ќе се увиди што недостасува и што треба да се корегира и надополни. Но, треба да бидеме консултирани, да се слушнат и нашите забелешки во интерес на пациентите и докторите – посочува Беговиќ.
