Седум години без Тоше Проески
На овој ден пред седум години загина македонската музичка ѕвезда Тоше Проески во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка во Хрватска. Неговите сопатници Лилјана Петровиќ и Ѓорѓе Ѓорѓевски се здобија со телесни повреди.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Крушево. Неговите родители уште како дете забележале дека поседува музички талент, па така и го насочиле неговиот животен пат. Како малечок настапува на „Златно славејче“ и на „Мелфест“, пред и официјално да ја почне својата музичка кариера. „Се се должи на љубовта кон музиката. Скалите си одат една по една сами по себе и никогаш не размислуваш што ќе се случи по 10 години или по 20 години“, изјавуваше Тоше Проески.
Неговиот талент го забележуваат сите, па затоа и неговите настапи уште како дете завршуваат со награди. За првпат пред македонската публика се појавува на Скопскиот фестивал со „Остани до крај“ во 1997 година. Од овој момент почнува и неговиот поход кон ѕвездите.
Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“- верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“- верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведуваше и голем број странски хитови. Тоше беше амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно е прогласен за почесен граѓанин на Македонија. Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 во Крушево.
„Не сакам да ми симнувате капа. Само сакам да се гордеете со мене,“ е еден од неговите најпознати цитати.
{youtube}http://www.youtube.com/watch?v=u24IYRe-CA0{/youtube}
