Имотната состојба на функционерите и на судиите под лупа на антикорупциска
30.12.2020
Судиите и останатите функционери, според Годишниот план за проверка на имотната состојба и интереси на ДКСК, ќе бидат проверени во вториот, односно во третиот квартал на годината. Меѓу судиите на кои ќе им биде проверен имотот се и двајца претседатели на судови.
Паралелно со ДКСК, свои постапки за проверка, но за работата на судии, следната година ќе врши и Судскиот совет. Долгите судски рочишта, безбројните одложувања и неефикасните постапки ќе бидат деловите каде ќе се проверува работата на судиите.
Методоголијата за прочистување на правосудството доби зелено светло и од Советот за реформи во судството. Целта на сите овие постапки според најавите на власта е враќање на довербата на граѓаните во судските органи.
Обвинителската работа, исто така, е една од најчестите критикувани професии во државата. За нивната работа, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на новогодишната средба со новинарите посочи дека во текот на оваа година покренати се дисциплински постапки против пет јавни обвинители кои сториле повреди во текот на работењето. Еден од овие обвинители кај кого било утврдено нестручно работење, поднел оставка која ја констатирал Советот на јавни обвинители.
Пандемијата предизвикана од ковид-19 беше причина за многу државни институции да работат со пола работно време, но ова не беше случај со Јавното обвинителство. Според статистичките податоци од ОЈО, во време на вонредната состојба, која траеше скоро три месеци биле покренати постапки против 3.500 лица за непочитување на здравствените прописи. Воедно, обвинителствата во ниво на државата досега постапувале во над 25.000 кривични дела.
Предметот „Империја”, кој е еден од најголемите случаи покренати од поранешното СЈО, како што најави јавниот обвинител Љубомир Јовески, се наоѓа во фаза на вештачење. Овој случај каде меѓу осомничените се бизнисменот Јордан Камчев и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, сега го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на чело со обвинителката Вилма Рускоска.
Држaвниот јавен обвинител Љубомир Јовески, на дигитална предновогодишна средба со шефовите на обвинителствата, посочи дека тие треба да бидат горди на професијата што ја одбрале. Според него, нападите на јавно обвинителската не треба да се отфрлат, туку треба да се земат како поттик за уште поголемо и професионално ангажирање.