Средношколскиот сојуз не отстапува од барањeто за државна матура, но и Министерството за образование не се откажува од својот став
26.01.2021
Средношколски сојуз не отстапува од барањето државната матура да има испити по два предмета, нивното барање е да полагаат мајчин јазик и предмет од областа која матурантот планира да ја студира. Но и Министерството за образование и наука не се откажува од ставот дека нов концепт за матурата е можен за идната учебна година.
Министерката за образование Мила Царовска е категорична дека оваа генерација матуранти ќе полагаат актуелниот концепт, односно по четири предмети, три екстерни за кои е надлежен Државниот испитен центар и еден интерен предмет кој се полага во училиштето заедно со проектната задача.
Од друга страна Средношколскиот сојуз не се откажува од својата замисла и ја бојкотираа наставата на првиот ден од второто полугодие. Министерката во четвртокот кажа дека освен во една гимназија во Скопје, каде што има поорганизирано дејствување, во други средни училишта бојкотираат, како што рече, мали и изолирани групи.
Над 14 илјади матуранти веќе ги пријавиле испитите што ќе ги полагаат на матурата, и затоа Министерство за образование и наука кон нив има обврска да го организира завршнот испит, рече Царовска.
Исто така напомена и дека државната матура е избор и оти за тие што не сакаат да ја полагаат, има и училишна матура.
По вчерашната изјава на ресорната министерка, Сојузот се согласи дека државната матура е право на избор, но дека тоа што над 14 илјади матуранти веќе се пријавиле во декември е затоа што тогаш не биле сигурни дали воопшто ќе се одржи матурата.
-Имаше матуранти кои бараа нејзино откажување и затоа сите матуранти ги пријавија испитите, не сакајќи да се коцкаат со сопствената образовна иднина. Така што, аргументот дека учениците во декември го оствариле своето право врз основа на личен избор не е баш најдобар, одговори Сојузот со реакција.
Државниот испитен центар во ноември ги објави термините за полагање на државната матура која ќе се реализира од 29 мај до 14 јуни 2021. Покрај трите екстерни испити, матурантите имаат и еден интерен и проектна задача. МОН соопшти дека и за оваа генерација матуранти се направени подобрувања на концептот, со измени во проектната задача и со проширување на листата изборни предмети за третиот екстерен испит, така што им се дава можност да изберат и Географија и Информатика.
Минатата година нашата земја била негативен исклучок во регионот и во светот со неполагањето матура, поради што наши ученици, како што рече Царовска, не успеале да се запишат на високорангирани универзитети во светот затоа што немале положен матурски испит.
#МОН #ДржавнаМатура #Бојктор #Царовска #СредношколскиСојуз #ДржавенИспитенЦентар