Главниот координативен кризен штаб предлага до Владата тековните мерки да продолжат да важат до 27 април
20.04.2021
Во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за предлог за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.
Конкретно, за периодот од 27 април 2021 година, заклучно со 15 мај 2021 година, да се отворат угостителските објекти за работа со посетители-гости во отворениот дел од угостителскиот објект, односно да работат само летни тераси и градини, а не и затворениот дел на кафулињата и рестораните.
Воедно, Главниот координативен штаб ѝ предлага на владата забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21:00 часот до 05:00 часот наредниот ден во периодот од 27 април до 15 мај.
Предлогот на кризниот штаб доаѓа во исто време со средбата на министерот за здравство и поглаварите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија и Исламската верска заедница. На средбата, како што пишува Филипче на својот фејсбук профил, се разговарало за актуелната состојба со коронавирусот, при што на поглаварите им укажал на ризиците кои ги носи групирањето во затворени простории за време на претстојните верски празници.