Министерството за здравство нарача 60 илјади вакцини против сезонски грип

Објавено на 5 октомври, 2023 во 10:41

За десетина дена ќе започне вакцинацијата против сезонски грип во земјава. Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека вакцините против сезонски грип се веќе набавени и дека станува збор за 60 илјади дози. Ваквата набавка на Министерството за здравство е за количини од вакцините против сезонски грип за 50 проценти поголема отколку минатата година. Изминатите години, поради пандемијата со ковид-19, грипот беше дијагностициран кај помал број граѓани.

– Станува збор за четиривалентна вакцина. Со бесплатна вакцинација против сезонски грип ќе бидат опфатени следните ризични групи: стари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 6 години, лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лица вработени во установи за социјална заштита на стари лица, велат од Министерството за здравство за „Слободен печат“.

Секоја година граѓаните кои не припаѓаат на ризичните групи можат да се вакцинираат во Центрите за јавно здравје и во нивните подрачни единици со комерцијални вакцини. Минатата година тие чинеа 800 денари.

Вакцината против грип е најдобра превентивна мерка, особено се препорачува за лицата постари од 65 години, лица со хронични болести и состојби на намален имунитет, како и кај децата помали од 2 години. Вакцинацијата против грип не е 100-процентна гаранција дека вакцинираното лице нема да се разболи од грип, но дури и да добие грип, тој ќе биде во поблага форма, а ризикот од компликации е значително намален, велат од Институтот за јавно здравје.

Употреба на лекови за превенција од грип или заболувања слични на грип не се препорачува. Грипот е акутно заболување на дишните патишта, предизвикано од вирусите на инфлуенца тип А и Б, кое најчесто се јавува во зголемен број или во епидемиска форма во текот на зимскиот период. Во овој период, чести се и инфекциите со други респираторни вируси кои имаат исти или слични симптоми со грипот. Во пракса, тешко може да се направи разлика дали се работи за грип или обична настинка само врза база на симптоматологијата, ако не се направи лабораториска, односно микробиолошка потврда на причинителот на заболувањето.

Грипот има ненадеен почеток со висока температура, главоболка, општа малаксаност, истоштеност, болки во мускулите и зглобовите, црвено и болно грло, гребење во грлото, солзење во очите и секреција од носот, како и кашлица која најчесто е сува, непродуктивна. Секој заболен не мора да ги има сите наброени симптоми, а кај дел од заразените лица болеста може да помине и без симптоми (според податоци од некои студии тој процент се движи од 20-30 проценти), или пак со благи симптоми на настинка.

За потврдување на дијагнозата на грип, со брис се зема материјал од грло и нос и се испраќа во специјализирана лабораторија, каде во доставениот примерок се докажува присуство на вирусот или негови делови. Во време кога грипот е веќе широко распространет во заедницата и има лабораториска потврда за тоа, не е неопходна лабораториска дијагноза на секој поединечен случај, туку дијагнозата се поставува врза база на клинички знаци и симптоми.

Лекувањето на грипот, исто како и на настинките е симптоматско, односно се лекуваат симптомите, а не самата болест. Се спроведува хигиено-диететски режим (мирување, земање на повеќе течности – топли напитоци, лесна исхрана, витамини и минерали), а по препорака на доктор и во зависност од тежината на болеста, може да се дадат и одредени антивирусни лекови. Антибиотска терапија се дава само во случај на секундарни бактериски инфекции кои го влошуваат текот и исходот на болеста, односно за лекување на компликациите од грипот, исклучиво по налог на доктор.

Се смета дека годишно во светот околу 3-5 милиони луѓе заболуваат од тешки форми на грип, а околу 250-500 илјади од нив умираат.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License