СДСМ и ВМРО ДПМНЕ отворија заеднички изборен штаб во Кичево!
Штабот беше отворен во присуство на пратениците Антонио Милошовски од ВМРО-ДПМНЕ и Игор Ивановски од СДСМ.
„Мотото „Кичевчани за Кичево“ не обединува сите, не обврзува, не повикува, на 24 март да излеземе на гласање и да прославиме за една историска победа на Кичево како важен и нераскинлив дел од Република Македонија. Политичките разлики тука се надминати во интерес на заедништвото на сите кичевчани“, рече Милошоски.
Во интерес на сите кичевчани е заедничкиот настап на двете партии, рече Ивановски.
„Ние тој интерес го почитуваме заради напредокот на градот, стабилноста на Кичево, мултиетничкиот карактер на општината и добрата работа на Советот и на локалната самоуправа. Сите членови на СДСМ и коалицијата ќе го поддржат Деспотовски на изборите за градоначалник. Ги повикувам сите истовремено да гласаат и за заедничката советничка листа,“ рече Ивановски.
Воедно се одржа и конвенција на која се претстави заедничкиот кандидат за градоначалник Благоја Деспотовски, а беше промовирана и листата на советници од коалицијата „Кичевчани за Кичево“.
Деспотовски истакна дека му е чест што има историска можност, но и должност да ја побара довербата на сите добронамерни кичевчани и од 25 март, како градоначалник на Кичево, да вложи двојни напори за исполнување на неговата програма за целосна урбанизација на градот и заживување на кичевското стопанство./А.Д