Бонус – системот отфрлен и од опозицијата и од ДУИ !

Објавено на 24 август, 2015 во 08:15

Опозицискиот СДСМ вчера експресно го одби предлогот на Груевски, пишува Дојче Веле.

„Стабилна влада се обезбедува на слободни фер и регуларни избори, на кои граѓаните без закани и уцени ќе ја изразат својата волја. Никола Груевски нека им признае на граѓаните и на јавноста зошто се плаши од нивното барање, што го поддржаа и СДСМ и останатите политички партии, Македонија да биде една изборна единица. Можеби, дека му се растура шемата на крадење избори? Што нема да измисли Груевски откако е фатен со рацете во избирачките кутии. Неговата изјава доликува на ‘дил ориентед’ политичар каков што е Груевски, кој од очај стана мета на потсмев“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Со мнозински бонус систем не се согласуваат ни помалите партии, кои веќе јавно се изјаснија дека се залагаат Македонија да биде една изборна единици по пропорционален модел. Лилјана Поповска, претседателка на партијата ДОМ, предлогот за бонус од 17 пратеници за победникот, го смета за преговарачки трик. „На Македонија не и‘ требаат монолитни влади, кои лесно ја злоупотребуваат преголемата моќ на штета на слободата, човековите права и демократијата. Ниту пак и‘ треба мнозински изборен модел, кој е најнеправичен, затоа што еден добива се‘, а сите други губат. Тој најсилно го стимулира бипартизмот, па кандидат може да победи само со силна партија и многу пари. Напротив, ние треба да го либерализираме постоечкиот пропорционален модел, со тоа што ќе преминеме од шест на една изборна единица, со отворена листа“, вели Поповска. Таа укажува дека ДОМ со години се залага за ова, укажувајќи дека постоечкиот модел со шест изборни единици е главен генератор на политичките кризи, кои настануваат поради преголемата и неконтролирана моќ на победничката партија.

„Со повеќе самостојни партии, ќе има подемократски и похетерогени влади, со постизборни коалиции. Освен тоа, нашето мултикултурно општество има потреба да се изрази преку широка политичка палета, а не да биде стеснето во две опции. Поголемата конкуренција ќе ја подигне политичката култура и ќе внесе повеќе креативност, умереност и толеранција во политичките дебати“, оценува Поповска.

Неприменлив систем

Според аналитичари, бонус системот практично е неприменлив во мултиетнички земји каде политичките партии се етнички хомогени, бидејќи тоа може да предизика проблеми на меѓуетнички план. Поради тоа или и од други причини, и во ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се резервирани кон ваквиот предлог.

„Таков предлог би се разгледал само доколку претходно законски се регулира изборот на владата да се спроведе со Бадентерово, двојно мнозинство“, кратко изјавија од центарот за информирање во ДУИ, без дополнителна аргументација.

И претседателот на Државната изборна комисија, Никола Рилкоски, смета дека мнозинскиот изборен модел е надмината работа, а бонус системот – неприфатлив.

„Изборите се добиваат со гласовите од граѓаните, а не со бонус пратенички места. Тоа е целосно неприфаливо“, вели Рилкоски.

Политиколози сметаат дека ваквиот предлог води кон недемократски амбиент, во кој победникот зема се‘ и одлучува за се‘, без инклузија на другите. Поранешниот министер и професор од Правниот факултет, Денко Малески, е разочаран од ваквиот предлог.

„Ако првиот човек на владејачката партија, после сиот наш труд да објасниме дека проблемот со демократијата во Македонија не е во слабата власт, туку во неконтролираната власт, тоа се‘ уште не го разбрал, во очај ги фрлам рацете кон небото и заклучувам дека мали се шансите за решение за нашата криза низ дијалог“, констатира Малески.

Разговорите во работната група за изборниот пакет продолжуваат и наделава. Досега не е постигнат напредок во однос на обврските предвидени со Договорот од 2 јуни за излез од кризата, а разговорите и натаму се одвиваат без транспарентно информирање на јавноста.

Извор: Дојче веле

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.