Поповски: Обилните дождови продолжуваат, температурите надпросечни за ноември
Објавено: 19 ноември, 2025, во 08:34 часот
„Поради влијание на циклонската активност од Џенова, денеска, среда, 19 ноември, во Македонија во најголем дел ќе има повремени врнежи од дожд. Особено обилни врнежите ќе наврнат во западните и во југозападните предели на државата каде за 24 часа очекувам ново големо количество на дожд (над 50 литри дожд). Повремено ќе дува засилен ветер од јужен правец (локално со брзина од над 60 км/час) а ќе има услови и за ретка појава на грмежи.
И во Скопје и околината ќе има повремени врнежи од дожд со умерен интензитет. Повремено ќе засилува ветерот од јужен и од југоисточен правец.
Температурите остануваат да бидат натпросечно високи за ноември, поради јужното воздушно струење, и ќе се искачуваат во интервалот од 11 до 18 степени. Во Скопје и околината температурата ќе се искачи до околу 13 степени.
Апелирам поради обилните дождови, особено во западните и во југозападните предели, граѓаните да бидат внимателни каде и како се движат. Особено внимателни да бидат возачите и да не се движат во близина на водотеци.
Исто така поради понатамошните обилни врнежи од дожд се зголемуваат условите за пораст на нивоата на реките и на езерата како во западните и во југозападните предели така и на целата територија на државата,“ соопшти метео прогнозерот Славчо Поповски.
Дума.мк


