Пратениците расправаа за законот за гаранција за Договорот за заем за соларни фотоволтаици

Објавено на 30 мај, 2022 во 15:15

Собранието претпладнево расправаше за Предлог на закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Договорот за заем за финансирање на Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици, што ќе се склучи меѓу Европската банка за обнова и развој и Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, по скратена постапка, што е на дневен ред на 54. седница.

Проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици претставува проект кој опфаќа изградба на ФЕ Осломеј 2 со инсталирана моќност од 10 мегавати и ФЕ Битола со инсталирана моќност од 20 мегавати. Имплементатор на проектот ќе биде Акционерското друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје (АД ЕСМ – Скопје).

Во образложението на потребата за носење на овој закон се наведува дека имплементацијата на Проектот ќе придонесе за намалување на трошоците на АД ЕСМ – Скопје за ископ на јаглен, како и помали трошоци на Друштвото, во однос на даноци за испуштање на стакленички гасови од термоелектраните.

Изградбата на двете фотонапонски електрани е планирана во околината на веќе постоечки термоелектрани, што ќе има финансиска корист, бидејќи ќе се користи постоечката патна и енергетска инфраструктура.

Вкупната проценета вредност на проектот изнесува 25 милиони евра. Проектот се планира да се финансира со заем од ЕБОР и инвестициски грант од ЕУ – ВБИФ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека со овој проект „некој сака да украде пет милиони евра” и оти цената е за 25 проценти поголема од реалната „за некој да си направи бизнис”.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.