Православен календар: Денес се празнува Свети Теофилакт, епископ Никомидиски

Објавено на 21 март, 2023 во 09:23

Кога првиот царски советник, Тарасиј, од мирјанин беше избран за патријарх Цариградски, тогаш заедно со него примија монашки чин многумина од неговите пријатели и приврзаници од световниот сталеж. Меѓу нив беше и овој Теофилакт.

Тарасиј го испрати за епископ во Никомидија. Како епископ Теофилакт му беше добар пастир на словесното стадо и се покажа необично преисполнет со милосрдие кон неволните и кон бедните. По смртта на свети Тарасиј патријаршискиот престол во Цариград го зазеде некој Никифор, а малку подоцна Лав Ерменин седна на царскиот престол.

Овој цар беше иконоборец и како таков покрена цела бура во Црквата Христова. Иако иконоборната ерес беше проколната на Седмиот Вселенски Собор, овој цар сепак ја воспостави и сакаше со неа да го замени Православието.

Светиот Теофилакт во лице му се спротивстави на царот, па кога царот не попушти, Теофилакт му рече: „На тебе цару ненадејно ќе дојде лута погибел и од неа не ќе можеш да се избавиш ниту да побегнеш“. За овие зборови свети Теофилакт беше тргнат од епископската столица и испратен во ропство, каде помина триесет години трпејќи многу маки и понижувања. Најпосле Му ја предаде својата света душа на Господа, околу 845 година.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.