Православен календар: Денеска се празнува Светиот свештеномаченик Јануариј и другите со него

Објавено: 4 мај, 2023, во 09:23 часот

Овој светител беше епископ во Камбанија Италијанска. Во времето на гонењето на Максимијан беше изведен на суд и мачен на разни начини, а тој поднесе сè трпеливо. Кога го фрлија во оган, огнот се разлади со невидлива роса и маченикот стоеше неповреден сред огнот и Му пееше пофалба на Бога.

Тогаш му го стружеа телото со железни четки дури коските не му побелеа, но маченикот поднесуваше незлобливо и трпеливо. Неговиот ѓакон, Фауст и чтецот Дисидериј, коишто ги гледаа неговите маки, плачеа по својот духовен отец, но и нив ги врзаа и заедно со епископот ги поведоа во градот Путеол и ги фрлија во затвор.

Во истиот затвор беа затворени за Христа и путеолските ѓакони Прокул и Сосиј и двајца лаици христијани Евтихиј и Акутион. Сите седуммина ги фрлија пред ѕверовите. Но, ѕверовите не ги ни допреа. Тогаш ги убија со меч, а неаполските христијани тајно го пренесоа телото на свети Јануариј во својот град и чесно го положија в црква. На гробот на овој светител до денешен ден се пројавуваат многубројни чуда.

Меѓу бројните чуда запаметено е и тоа дека една бедна вдовица, на којашто ѝ беше умрел синот единец, ја зела од црквата иконата на свети Јануариј и ја положила на својот мртов син плачејќи и молејќи го светителот, по што нејзиниот син оживеал. Свети Јануариј пострада чесно во 305 година.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.