РСБСП ги советува возачите: Во зимски услови смиреноста и внимателното ракување се најважни

При возење во зимски услови, кога патот е исклучително лизгав, најважна е смиреноста и внимателното ракување на возачот со командите затоа што ненадејните и остри маневри се контрапродуктивни, порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и посочува дека автомобилот треба добро да се подготви за зимата.
Од РСБСП на возачите им препорачуваат пред да се вклучат во сообраќај да седнат правилно и да си обезбедат добра видливост.
– Правилното седење е основа за безбедно возење во какви било услови, а особено е важно кога се предизвикувачки, како во зима. Затоа, не „легнувајте” зад воланот, не спуштајте го наслонот на седиштето за едвам да стигнете до воланот, бидејќи во оваа положба не можете да реагирате ниту брзо ниту адекватно, посочуваат од РСБСП.
Нагласуваат дека потпирачот за грб треба да биде поставен колку што е можно поисправено и доволно оддалечено од воланот.
-Во зима, поради студот, обично носиме гломазни, тешки и дебели чевли и облека. Сето тоа е во спротивност со принципите на безбедно возење. Важно е да го чувствувате автомобилот што е можно подобро. Вкочанетите и тврди зимски чевли и подебелата облека ве ограничуваат во движењата и брзината на реакцијата во исто време, што може да биде пресудно за безбедно возење во зима. Затоа, штом се загрее кабината во автомобилот, бидете удобни. Доколку возењето е подолго, размислете да користите дополнителен пар меки чевли само додека возите, велат од РСБСП.
Покрај задолжителната стругалка за мраз или спреј за одмрзнување стакло, додаваат, во багажникот корисно е да ставите и некои други додатоци кои би можеле да ви бидат од помош во зима (на пример: стари ракавици и ќебиња во случај да треба да менувате гума).
-Чадорот е нешто што во секој случај би било корисно да се има во автомобилот, а ако сакате да ја зачувате внатрешноста на вашиот автомобил, корисно е да купите гумени теписи кои собираат влага која ја внесуваме во автомобилот со чевлите, препорачуваат од РСБСП.
