Босанец се разнесе во Ирак
Државјанинот на Босна и Херцеговина, Емрах Фојница, инаку обвинет за учество во терористичкиот напад врз амбасадата на САД во Сараево во октомври 2011 година, загинал во Ирак најверојатно извршувајќи самоубиствен бомбашки напад, објави порталот Ummeta близок на радикалните исламистички групи во БиХ и на Балканот.
Дваесет и тригодишниот Емрах Фојница загинал во петокот во Ирак, објави порталот но не наведува каде се случил неговиот напад. Се појаснува дека според расположливите информации Фојница заминал за Ирак „да изведе шехидска операција и се преселил во борбите со елек на себе“ со што се сугерира дека најверојатно извршил самоубиствен напад со експлозивен елек.
Порталот наведува и дека таткото на Фојница „ја поздравил маченичката смрт на синот во Ирак“ кога го известиле „за страдањето“.
Емрах Фојница ѝ е попознат на јавноста по тоа што беше обвинет заедно со Мевлид Јашаревиќ од Нови Пазар за напад врз амбасадата на САД во Сараево во 2011 година. Во судската постапка беше ослободен од обвинението, за потоа да замине да војува во Сирија, каде што им се приклучил на џихадистичките единци на тогашната Исламска дражва во Ирак и Шам (Левантот или Медитеранот – ISIL), сегашната Исламска држава којашто во меѓувреме освои големи области во Ирак и прогласи калифат.
По сознанието на безбедносните служби дека голем број млади екстремно настроени муслимани организирано одат на боиштата во арапскиот свет каде војуваат на страната на радикалните групи меѓу кои е и Фротнот ан-Нусра и дека има повеќе од десетина загинати, властите на БиХ со неодамнешните измени на кривичниот законик, заминувањето и организирањето заминување на странските боишта го сметат за кривично дело.
Безбедносните служби на БиХ проценуваат дека во Сирија во моментов се наоѓаат меѓу 50 и 70 борци. Според претходните медиумски написи во Сирија војуваат десетици исламски доброволци од БиХ и другите балкански земји, вклучително и од Македонија, а најмалку десетина се загинати и ранети. Досега биле вратени 32 борци, а се претпоставува дека во Сирија останале да се борат уште 20.
Министерството за внатрешни работи на Федерацијата Босна и Херцеговина, како главен мотив за заминувањето на сириското боиште ја наведува сиромаштијата којашто владее во земјата, а доброволците заминуваат во Сирија и меѓу нив има момчиња со по само 20 години, и за тоа наводно добиваа по околу 15 илјади евра. Според полициски извори, рутата до боиштето на коешто досега животите ги загубиле најмалку девет државјани на БиХ оди преку Словенија заминуваат за Виена, а од Виена за Истанбул, па потоа од Турција влегуваат во Сирија.
Полицијата има сознанија дека постои организирана мрежа којашто доброволците од БиХ ги испраќа во Сирија. Проценувајќи дека ова станува сѐ поголем проблем, министерството за безбедност на БиХ во декември 2013 година во парламентарна процедура упати предлог закон со кој откако беше прифатен се санкционира учеството на државјани на БиХ во оружени судири во странство. Затворски казни, исто така, се одредени и за оние коишто го организираат заминувањето на доброволци на странските боишта. Досегашните закони во земјата не овозможуваа санкционирање на ваквите постапки, организаторите на регрутирањето, ниту самите доброволци не можат да бидат обвинети за сторени кривични дела.
Медиумите како еден од организаторите на заминувањето на момчиња од БиХ на сириското боиште го споменуваат извесен Билал Босниќ од Бужиме, во североисточна Босна, кој воедно важи и за еден од водачите на селефиската заедница во БиХ.
