Голема поддршка на социјалните мрежи за загребскиот градоначалник кој е во притвор
Загребскиот градонаалник Бандиќ ќе остане во истражниот затвор додека трае постапката против него.
Според образложението на Жупанскиот суд поради опасноста дека на слобода може да влијае на сведоците и доказите, но и поради можноста да го повтори кривичното дело за кое се сомничи.
Заедно со него, во притвор одат уште 11 осомничени, додека Петар Припуз ќе биде пуштен на слобода откако ќе плати кауција од околу еден милион евра.
Хрватските власти го сомничат градоначалникот на Загреб и неговите блиски соработници за серија злоупотреби со продажба на градежно земјиште, управување со отпадот и вработување, но и за малверзации и неплатен данок за донациите собрани на сметката за кампањата за претседателски избори во 2009 година.
Сепак и во оваа состојба , по петтиот мандат на позицијата градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ, според процените во хрватската јавност, останува најпрепознатливото лице на главниот град.
И покрај многуте скандали и обвинувања за корупција, кои никогаш не беа докажани, Милан Бандиќ добива голема поддршка од доселениците во Загреб, спортистите и од општествените работници, па и од социјално-маргинализираните групи.
Неговата популарност, неколку дена по притворањето, ги мина рамките на Загреб. На социјалните мрежи групите за поддршка на Бандиќ само за еден ден достигнаа над 30 илјади членови, а граѓаните во анкетите и на популарните портали масовно му изразуваат поддршка и зборуваат за „монтиран процес“.
„Може крадел, ама барем им даваше и на другите“, се дел од реакциите на граѓаните во корист на Бандиќ.
