(ВИДЕО) Петриња, ден по разорниот земјотрес во Хрватска
30.12.2020
Хрватска вчера во 12:19 часот ја погоди силен земјотрес со епицентар, според сеизмолозите, на пет километри југозападно од Петриња на длабочина од 11,5 километри. Јачината на земјотресот била 6,2 степени според Рихтеровата скала, а интензитетот во епицентарот VIII-IX степени од скалата ЕМС.
Во периодот од 12:23 до 12:58 часот, се случија најголем број на последователни земјотреси, дури 10 – со магнитуди поголеми од три степени со епицентар близу Петриња и околината.
Разорниот земјотрес однесе најмалку седум лица. Тоа е бројка што е потврдена и не е исклучено подоцна да бидат откриени повеќе жртви, јавија хрватски медиуми. Најмалку шест лица се тешко повредени, а 20 полесно повредени, соопшти МВР на Хрватска.
Во Петриња, според извештаи на хрватските медиуми, нема објект што не е оштетен од земјотресот. Градоначалникот Даринко Думбовиќ утрово изјави да не се доаѓа неорганизирано во Петриња.
– Се надевам дека веќе нема луѓе под урнатините. Не носете градежен материјал сега. Ќе ни треба за неколку денови, изјави тој за ХРТ.