Учениците одат на распуст, надлежните ќе решаваат како ќе продолжи наставата од септември
За основците и средношколците денеска е последниот училишен ден во учебната 2020/2021 година. Според изменетиот Календар за организација на работата на училиштата, почетокот беше одложен за 1 октомври, бројот на наставни денови намален од 180 на 159.
Учебната година почна еден месец подоцна поради потребата антиковид-протоколите за реализација на различни начини на настава да бидат законски усвоени во Собранието кое, пак, требаше да биде конституирано по одржаните парламентарни избори минатиот јули.
Во двете полугодија образовниот процес беше организиран по комбиниран модел – мнозинството ученици следеа настава на далечина, главно преку платформата Мајкрософот тимс, а на часови со физичко присуство беа најмалите до трето одделение и од повисоки одделенија во помали училишта – подрачни и во рурални средини.
МОН во соработка со Комисијата за заштита од заразни болести и Министерството за здравство, ќе утврдува како ќе се реализира наставата во 2021/2022, што ќе зависи од состојбата со коронавирусот во земјава. Министерката Мила Царовска вчера изјави дека е во постојана комуникација со премиерот и министерот за здравство во врска со враќањето на учениците на 1 септември во училиштата.
МОН изработи и нов закон за учебници со цел да се применуваат дигитални содржини. Според планот, од 2021/2022 дигитални учебници ќе бидат во употреба за четвртоодделенците, а во идните години во повисоките одделенија во основното, како и во средното образование. За учениците до трето одделение ќе останат во употреба печатените учебници.