„Вакво нешто не сме виделе“: Оркански ветер за пет минути опустоши цели области во Хрватска (видео)
Невреме со исклучително силен ветер и дожд направи вистински пустош попладнево во делови од Хрватска, а според локалните медиуми, луњата никаде не траела повеќе од пет или шест минути, но и покрај тоа направила огромна штета, која се проценува на десетици милиони евра.
Најтешко е погоденo историското гратче Чазма, во областа Мославина, меѓу Загреб и Бјеловар. Таму орканскиот ветер, чии налети, според локалните власти, достигнувале до 100 километри на час, ги откорнал покривите од преку 30 куќи, и тоа не само ќерамидите, туку целите конструкции на покривите. Превртени се повеќе камиони кои се нашле на локалните патишта, урнати се десетици столбови од далноводи, а оштетени многу паркирани автомобили врз кои паднале дрва, гранки или ќерамиди.
15-годишно девојче е повредено во невремето и тоа било пренесено на Детската клиника во Загреб, но нема сериозни повреди, соопштија надлежните.
Во Чазма нема ни струја, ни вода. Жителите на местото, кои велат дека иако сѐ почесто има силни невремиња, „вакво нешто досега не виделе“, вечерва ги посети хрватскиот вицепремиер Томо Медвед, кој вети помош од државата.
Снимките од Чазма ја покажуваат застрашувачката моќ на невремето:
Покрај други делови од Хрватска, и Загреб денеска го зафати фронт со силен дожд и ветер, кои предизвикаа тешкотии во сообраќајот и поплавени улици во делови од хрватскиот главен град.