Владата ја разгледа информацијата за реформа на јавната администрација
Владата доцна синоќа соопшти дека на тематска седница ја разгледала информацијата за реформата на јавната администрација. 84-тата редовна седница беше посветена на статусот на реализација на активностите на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација.
-На седницата беше разгледана анализата за хоризонталната функционална поставеност на министерствата и институциите која ја подготвија проектните експерти спроведена во рамките на двегодишниот ИПА проект „Поддршка кон државната реорганизација, финансиран од Европската Унија“, се вели во владиното соопштение.
Структурираните оценки и мислењата во врска со анализата, која предвидува рационализација на бројот на институциите во државната управа, како и предлози за нивна поголема ефикасност, ќе бидат презентирани пред Советот за реформи на јавната администрација кој пак на Владата ќе ѝ ја предложи конечната верзија за реорганизацијата на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби, како една од најважните активности во процесот на пристапување во Европската Унија, додаваат од „Илинденска“.
На оваа седница Владата ја усвои и Информација за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Зад хоризонтот 21“, во Република Бугарија, на која покрај земјата домаќин ќе учествуваат и припадници на армиите на Романија и Грција.