Закажани термини до февруари: Германската амбасада во Скопје затрупана со барања за работни визи
Поради технички проблеми при последната регистрација на термини на 5 октомври 2021 година, се регистрираа повеќе лица отколку што тоа го дозволува списокот на чекање на термин, соопшти Германската амбасада на својата Фејсбук страна .
-Амбасадата одлучи да не ги избрише „пребукираните термини“, туку на сите регистрирани лица да им додели термин до најверојатно крајот на февруари 2022 година по хронолошки редослед. Од таа причина, во месеците ноември, декември и јануари нема да има отворен список за регистрација на термин. Ве молиме, воздржете се од прашања во врска со оваа тема.Исто така однапред би сакале да Ве информираме, дека Амбасадата најверојатно на почетокот на наредната година ќе воведе промена во врска со регистрацијата и доделувањето на термините. На тој начин регистрацијата ќе се поедностави. За конкретните детали ќе бидете благовремено информирани, информираа од амбасадата.
Од 1 јануари 2021 година во Германија влезе во сила таканаречена „Регулатива за Западен Балкан“ со која се овозможува привилегиран пристап до германскиот пазар на трудот за државјани од шесте земји во регионот.
Ова правило им овозможува на сите заинтересирани да се пријават за работна виза во амбасадата во Скопје.