ЗНМ: Али Ахмети не смее да етикетира медиуми
Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ го осудува јавното етикетирање на телевизиите Телма и Алфа од страна на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети. Тој во своето обраќање пред присутните на партиска трибина во Гостивар, во обид да изрази незадоволство за медиумското известување во врска со партиските активности, јавно кажа дека овие две телевизии се непријателски.
Оваа скандалозна изјава е штетна и може да ја загрози безбедноста на новинарите и медиумските работници а со тоа да се поттикне цензура во поширок контекст. Изјавата е посебно проблематична што доаѓа од претседател на политичка партија која е дел од власта и истата може да стимулира напади и закани врз медиумите и новинарите од страна на партиските припадници, а тоа може да повлече многу негативни последици на слободата на изразување.
Сметаме дека јавните функционери, а особено лидерите на политичките партии, треба да се воздржат од изјави кои што етикетираат медиуми, бидејќи тоа е во спротивност со европските вредности кои самите политичари се обидуваат да ги промовираат пред граѓаните.
Го потсетуваме Ахмети, но и неговите колеги од другите политички партии, дека новинарите се гласот на јавноста и нивна главна задача е да истражуваат и да поставуваат прашања кои се од јавен интерес, додека политичарите се тие кои треба да дадат одговори на тие прашања и да обезбедат безбедни услови за вршење на нивната работа.
Дума.мк