Археолошкиот локалитет „Стоби“ по 18-ти пат домаќин на Интернационалниот фестивал на античка драма
Присетувајќи се како на иницијатива на актерите на велешки театар Младен Крстевски, Александар Георѓиевски и Јордан Витанов во 2002 година кога како градоначалник на Велес во првиот мандат, заедно ја прифати и Советот на општината ја изгласа одлуката за организација и реализација на фестивал на античка драма што се одржува во археолошкиот локалитет „Стоби“ . Градоначалникот Аце Коцевски констатираше дека е горд што тој прерасна во традиционален и се уште интересен како за велешани така и за граѓаните од соседните општни, за актерите од театрите дома но и во странство.
– Интернационалниот фестивал „Стоби“ е вистинска реткост не само на Балканот туку во Европски и во Светски рамки, затоа што се многу ретки фестивалите кои негуваат антички драми иако тие се едно од најголемите наследства на цивилизацијата од минатото. Не би сакал да должам многу мојата обврска вечерва е да кажам дека ми е мило што правата за организирање на фестивалот ги пренесовме на велешкиот театар кој е вистинска гордост за велешани и велешанки, еден од најдобрите театари во Македонија и јас воопшто не се сомневам дека и годинава ќе имаме прекрасно издание на фестивалот така како што се сеќаваме на репликите кои одекнуваа овде во „Стоби“ на претходните седумнаесет изданија . Се надевам дека и во иднина ќе се сеќаваме на репликите и на активностите кои ќе имаме прилика да ги следиме и да уживаме овде. Сега да го препуштиме подиумот на уметниците а мене ми останува симболично да го прогласам 18 издание на Интернационалниот антички фестивал Стоби за отворен, додаде Коцевски.
Пред него директорот на велешки театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Сашо Димовски и се обрати на публиката, иако годинава, далеку по малку бројна поради одржување на претставите во Теодосијанската палата наместо во амфитеатар на Стоби, со зборовите:
-Ние вечерва и во текот на целиот фестивал од ново ќе ги раскажуваме античките приказни и ќе се обидеме да најдеме некоја нова смисла, нешто блиску до нас, нешто што нам ни значи. Благодарен сум на сите вам драга публико, за кого пред се успеа овој фестивал како и на министерството за култура, на Општина Велес и општествено –одговорните компании кои ја препознаа вредноста на овој фестивал. Ви посакувам успешни фестивалски денови, додаде Димовски.
Официјалниот почеток на фестивалот го означи премиерната изведба на театарската претстава „Орестија“ како проект на велешки театар и Национална опера и балет што љубителите на театарот имаа можност да ја проследат под ведро небо и во екслузивен амбиент што го нуди археолошкиот локалитет „Стоби“. Претставата беше одиграна во Теодосианската палата.
На програмата на XVIII ИФАД „Стоби“ вечерва со почеток во 20:00 часот на сцената „Петре Прличко“ во велешки театар ќе биде одиграна претставата „Исмена“ продуцирана од домаќините.
Стефани Манева