Добредојде есен
Сега сте подготвени широко да ја прегрнете есента. Таа со сите свои мириси и бои е незаменлива со ниедно друго годишно време.
Есента е создадена за вистинска мода. Сите чевли, чизми, модерни џемпери, марами, шапки во топли бои кои ве освојуваат од излозите.
Има ли поубаво помината недела oд таа кога сте стуткани под топло ќебе додека пиете некој вкусен чај кој го шири мирисот во домот, а надвор гледате ситен дожд и листови што полека паѓаат?
Признајте дека уживате во прошетката низ паркот кога одите на работа или на училиште, факултет и гледате како се менуваат боите на природата или веќе ги насетувате крцкавите ливчиња под чекорите.
Тука се и романтичните ноќи со саканите под еден чадор додека се враќате од некоја театарска претстава која е дел од полните репертоари, што сигурно ви фалеа за време на летото.
Викендот не мора секогаш да биде само со забави во дискотеки, сега ви е пријатно да излезете и само на некое кафе и вкусен колач.
Есента носи нови обврски, нови почетоци, но и нови задоволства. Најдете начин да уживате во неа и да ја почувствувате со сите сетила.
Менувањето на годишното време нè поттикнува да размислуваме за новите почетоци и нè прави креативни. Новата сезона е секогаш добар начин да внесете промена во вашето секојдневие. Тогаш зошто да не се фокусирате на позитивните страни на ова годишно време?
Декорирајте го домот
Само неколку мали декорации или разместување на мебелот навистина ќе внесат промена во вашиот дом. Внесете „есенско“ расположение во домот или канцеларијата. Клучните елементи на ваквата декорација би биле топлите бои од есенската палета. Доволни се мали промени, нова ѕидна слика, нови тапети, рамки за слики, шолји за кафе и сл. Есенската промена нека се почувствува и во вашиот двор или градина. Есенските цветови ќе ја разбијат монотонијата на тмурното време.
Во допир со природата
Есента е вистинска прилика да избегате од цивилизацијата и да дојдете во допир со природата. Одете на излет, кампување, организирајте семеен собир и уживајте во есенските пејзажи. Во таквата пригода ќе имате можност да формирате своја есенска колекција, собирајќи пожолтени лисја или есенски плодови.
Бидете креативни
Кога би направиле забава со тикви ако не во есен? Соберете ги семејството и пријателите и започнете натпревар за најубав цртеж во тиква. Ќе ја поттикнете креативноста и натпреварувачкиот дух како никогаш досега. Во тиквите лесно се гравираат најразлични форми. Којзнае, можеби ќе откриете вистински талент кај себе или кај некој друг.
Есен во вашиот плакар
Нова сезона, нови модели и креации. Време е есенската гардероба да си го заземе своето место во вашиот плакар. Искористете го слободното време за шопинг и за изработка на нови парчиња облека или накит од старите искористени работи.
Викенд-прибежиште
Есента и дождливото време се навистина романтична пригода. Време е да бидете романтични како никогаш претходно. Предложете му на вашиот/та љубен/а да заминете на викенд надвор од местото на живеење. Можеби некое планинско село вистински ќе ја разгори љубовта кон природата и секако, вашата љубов еден за друг.
Промена
Донесете цврста одлука за која порано сте немале храброст, соберете сила за некаква промена во вашиот живот. Можеби ново работно место, аплицирање за некој курс, промена на местото на живеење, промена во начинот на работа, нов проект… Имате безброј опции. Есента е сталожено годишно време, погодно за свеж почеток.