Најстарата стјуардеса на светот: Бет Неш го собори и Гинисовиот рекорд
Жена од Бостон, САД го собори рекордот како стјуардеса со најдолг стаж во светот, потврдија од Гинисовата книга на рекорди.
Бет Неш (86) почнала да работи како стјуардеса во 1957 година за „Eastern Airlines“ и продолжила да работи за „American Airlines“ до денес без никаков прекин во вработувањето. Од Гинис го потврдија светскиот рекорд на 1 јули.
Неш вели дека поголемиот дел од својата кариера го поминала на релација Њујорк-Бостон-Вашингтон бидејќи така можела да се врати дома ноќе и да се грижи за својот син со хендикеп.
Гинис наведува дека Неш моментално е најстарата стјуардеса во светот. Прославувајќи ја својата 60-годишнина со компанијата во 2017 година, Неш истакна дека бизнисот значително се променил со текот на годините.
„Требаше да имате одредена висина, требаше да имате одредена тежина. Порано беше страшно. Ако добиеш неколку килограми, мораш да продолжиш да се мериш, а ако останеш така, ќе ти ја намалат платата“, изјави таа за „WJLA-TV“.