Памуккале: Нешто несекојдневно во Турција!
Памуккале или Памук палатата е прекрасен природен комплекс на уникатни природни минерални извори кои се наоѓаат во југозападниот дел на Турција, во близина на градот Денизли.
Овој природен феномен е една од најважните природни карактеристики на оваа држава, а секоја година овде доаѓаат голем број на туристи.
И покрај тоа, што поради својот неверојатен изглед често го мешаат со снежни тераси или пак замрзнати водопади,сепак слободно може да се каже дека ова место ни оддалеку нема блискост со снег и лед.
Памук палатата се формирала во текот на илјадници години со излевање на врела минерална вода преку работ на минералното плато. Водата оставала слоеви од калциум кои постепено се натрупувале и така настанале вертикални ѕидови, тераси и сталактити со блескаво бела боја.
Памуккале има 17 извори во кои водата има температура од 35 степени до 100 степени целзиусови.
Се смета дека оваа вода е богата со минерали и има лековити својства. Исто така интерсена е и локалната легенда која е поврзана за ова место: Според таа легенда доволно е да поминете само 10 минути во оваа вода за да се подмладите до 5 години.