Дали нè „прислушуваaт“ мобилните телефони поради реклами и дали сме самите виновни за тоа?
Експертите објаснуваат зошто на социјалните мрежи може да ви се појават реклами за фустан, патики или нов мобилен телефон за кој вчера сте разговарале.
Имено, прво треба да разбереме какви дозволи му даваме на нашиот уред. Апликациите што ги имате на вашиот уред собираат многу податоци од вашиот телефон.
Какви дозволи им даваме на апликациите?
Условите за користење треба да обезбедат јасни информации за тоа како се собираат, складираат и користат податоците, а одговорност на корисниците е да внимаваат какви дозволи даваат.
ИТ експертот Марко Ракар ја коментираше и оваа појава на таргетирани реклами, но посочува дека не станува збор за тоа дека мобилниот телефон нè прислушува, туку дека ни се појавуваат реклами поврзани со ставки кои веќе сме ги пребарувале на Интернет.
„Тоа е повеќе феномен од психологија отколку реален настан. Луѓето спомнале нешто и наеднаш почнале да го забележуваат тоа. Меѓутоа, ако гуглале, пишувале некаде, на апликации, пребарувачи, тогаш секако дека ќе почнат да следат такви огласи“, наведува Ракар за „N1“. Тој додаде дека не се работи за уредот кој нè прислушува.
Луцијан Цариќ, експерт за интернет безбедност, пак, има малку поинаков став. На прашањето дали нè прислушува мобилниот кога зборуваме на некоја тема, а потоа добиваме реклами на социјалните мрежи, Цариќ одговори потврдно.
„Апсолутно е можно, такви податоци можат да собираат сите апликации на кои им давате одредени дозволи, на пример дозвола за пристап до рекордерот“, изјави Цариќ за N1.
Тој истакна дека ова важи и за „Hey Google“, кој исто така бара пристап до вашиот рекордер. Тоа е услуга која ви овозможува да извршите одредена акција како што се пребарување, добивање насоки до вашата дестинација и да креирате потсетници.
Цариќ нагласува дека апликациите можат да бараат пристап до различни податоци, од локација до рекордери.
„Се додека работи телефонот, тој ги собира сите податоци, а за тоа што сте го напишале, дури и да не сте го испратиле“, заклучува тој.