Утринската прошетка е одлична навика за телото и духот
Утринската светлина го стимулира телото да произведува серотонин, кој е познат и како „хормон на среќата“. Недоволното ниво на серотонин го намалува и нивото на мелатонин во организмот, што го нарушува циклусот на спиење.
Бројните здравствени придобивки од утринската прошетка сега се и научно докажани. Затоа, ако одлучите да пешачите само еднаш дневно, направете го тоа наутро, пишува „Mindbodygreen“.
Го регулира деноноќниот ритам
Бројни студии покажаа дека начинот на кој го поминуваме првиот час од будењето може да ги зголеми или да ги намали шансите за добар сон. Утринската светлина му дава информација на слојот од неврони зад нашите очи дека е време да станеме, а во исто време го намалува производството на мелатонин, хормон кој нè прави да се чувствуваме поспани и ни помага да спиеме ноќе.
Исто така, утринската светлина му сигнализира и на кортизолот да нѐ разбуди и да ни даде енергија за активностите во текот на денот. Идеално, прошетката треба да ја поминете без очила за сонце, освен ако не е многу светол ден.
Утринската светлина, исто така, го стимулира создавањето серотонин, невротрансмитер кој настанува во нервните клетки и поради кој се чувствуваме добро. Серотонинот регулира колку добро спиеме и подоцна се претвора во мелатонин, хормон кој ни е потребен за квалитетен сон.
Го подобрува здравјето на срцето
Утринската светлина може да направи многу повеќе отколку да нѐ разбуди и да ни помогне да заспиеме. Имено, раната утринска прошетка го штити и срцето. Една неодамнешна студија покажала дека силната светлина може да го заштити и да го подобри кардиоваскуларното здравје со зајакнување на специфичен ген кој ги зајакнува крвните садови и го намалува ризикот од срцев удар. Научниците веќе воочиле врска помеѓу светлината и срцевите заболувања, а забележале и поголема зачестеност на срцеви удари во зимските месеци.
Исто така, оваа студија покажала дека учесниците кои биле биле изложени половина час на дневна светлина, помеѓу 8.30 и 9 часот наутро, пет последователни дена, имале покачени нивоа на протеин наречен PER2. Овој протеин е клучен за поставување на деноноќниот ритам, подобрување на метаболизмот и зајакнување на крвните садови.
Го намалува апетитот
Една студија од 2012 година покажала дека жените кои пешачеле 45 минути секој ден во 8 часот наутро биле поактивни во остатокот од денот. Исто така, тие помалку реагирале на сликите од храна.
Некои истражувачи сметаат дека луѓето јадат помалку бидејќи брзите движења ни ја зголемуваат телесната температура. Како што јадеме помалку кога е топло надвор, така јадеме помалку и кога телото ни се загрева со одење.
Но, една неодамнешна теорија тврди дека луѓето јадат помалку по одредена активност поради хормонот GDF-15, кој телото го произведува кога се движиме. Истражувачите знаат дека GDF-15 го потиснува апетитот кај глодарите и мајмуните, а сега ги истражуваат неговите ефекти и врз луѓето.
Без разлика дали се работи за топлина или за хормони, раната утринска прошетка може да го спречи прекумерното чувство на глад и да ни помогне да го регулираме и намалиме апетитот.