„Федра“ на фестивал во Бугарија
Со претставата „Федра“, велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ утре на 19 мај учествува на театарскиот фестивал „Тара-ра-бумбиа“ во Благоевград Бугарија. „Федра“ е праизведба на истоимениот текст на Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски. Во неа играат актерите Васил Зафирчев како Хиполит и Маруша Облак како Федра, во копродукција помеѓу Велешки театар и Словенско Младинско Гледалишче.
Претставата се занимава со машко-женските односи од аспект на релација меѓу повозрасна жена и помлад маж. Иако првично претставата беше поставена како дуо- драма , на фестивалот во Благоевград ќе биде изведена адаптирана монодрамска верзија со актерот Васил Зафирчев, а во неколку видео сцени ќе се појави и актерката Маруша Облак.
Сценографијата на претставата е на Филип Коруновски, костимите на Раде Василев, а автор на музиката е Сашо Костов и истата ја изведува во живо за време на претставата.
„Федра“ премиерно беше изведена во септември минатата година и ова е нејзина фестивалска презентација, по успешните настапи на Фестивалот на античка драма „Стоби“ и МОТ во Скопје./Д.С