Отворена детска градинка во општина Чашка
Дваесет и седум деца на возраст од две до шест години се згрижени и има место за уште дваесет и три чии родители се заинтересирани да ги запишат во клонот на детската градинка „Димче Мирчев“ во Чашка. Децата се распоредени во две возрасни групи во изминатите месеци и со нив работат воспитувачи и негуватели. Објектот е во сопственост на општината.Тој е преадаптиран и опремен со пари на министерството за труд и социјална политика во вкупен износ од 3.072.647,00 денари. Согласно владините мерки до крајот на мандатот треба двојно да се зголеми бројот на деца опфатени во предучилишно образование, соопшти министерката Мила Царовска на денешното свечено пуштање на првата детска градинка „Бамби“ во Чашка.
– Сите деца од руралните средини треба да имаат право на предучилишно образование што не беше случај во претходните години. Но, ние како Влада имаме заложба за рамномерен регионален развој и затоа фокус во изминатите шест месеци е ставен на отворање на градинки во рурални средини. Тоа помага за активирање и на жените од руралните средини кои според статистиката се не активни. Со ова даваме шанса и тие да се вклучат на пазарот на труд, рече министерката Царовска.
Во државниот буџет за годинава се испланирани 1,6 милијарди денари за зголемување на опфатот на деца во градинки во државата, на просторните и на кадровските капацитети во кои треба да се вработат околу 200 лица, најави министерот за финансии, Драган Тевдовски.
– Од септември треба да почне зголемувањето за 5% на бројот на вработени во градинките и во буџетот за годинава има 58 милиони денари за изградба и реконструкција на градинки. Светска банка има интерес да го финансира проектот за изградба на градинките во износ од 33,4 милиони долари. Очекуваме дека на почетокот на јули владата ќе почне преговори со Светска банка. Ќе се овзможи општините тие средства да ги искористат за изградба на градинки, рече Тевдовски.
И токму проектот на Светска банка преставува предизвик за градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски за отворање на нови три градинки во населените места на територијата на општината.
– Се надевам дека со поддршка од Владата во наредниот период ќе ги отвориме градинките во селата Горно и Долно Јаболчиште како и во селото Извор, рече Стојановски.
Засега градинката во Чашка ќе функционира како клон на локалната установа што функционира во општина Велес. Тоа е поддршка од велешката за општина Чашка смета градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
– Со задоволство ја прифативме иницијативата на градоначалникот на Чашка. Овој клон е дисперзиран од градинката во Велес. Ние и понатаму ќе ги поддржуваме иницијативите на градоначалникот на Општина Чашка, рече Коцевски.
Населените места во кои општината планира отворање на нови три клона на детската градинка се со најголем број на жители на територијата на Чашка. /У.Ј