Здравица за богат гроздобер – Вински карневал
Со откинување на првиот грозд од лозницата од страна на Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев и претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов започна винскиот карневал што се одржува во рамки на манифестацијата Тиквешки гроздобер 2018.
Потоа следеше традиционално газење на грозјето, а здравица со желба за богат род имаа кралот и кралицата на гроздоберот.
30 карневалски поставки и над 750 учесници беа дел од годинашниот вински карневал. Најголем дел од поставките беа со тема од гроздоберот. Ученици од кавадаречките училишта преку маска се осврнаа на традицијата на овој крај. И годинава карневалската процесија ја збогатија гостите од Птуј – Словенија, од Белград – Србија, од Крушево и од Струмица.
Атракција на гроздоберот беа танчерките oд Бразил со нивниот бразилски монток.
Карневалот го проследија Претседателот Ѓорге Иванов со сопругата Маја, Амбасадорите на ЕУ Самуел Жбогар и на Франција Кристијан Тимоние, Министерот за надворешни работи Никола Димитров, генералниот секретар на владата Драги Рашковски како и гости од збратимените градови на Кавадарци.
Гроздоберот ќе кулминира вечерва со концертот на Цеца Ражњатовиќ за кога се очекува неколку илјадна публика./А.Д